Севилја ја заврши работата против второлигашот, се чека Атлетико во дуел со тим од трета лига

Екипата на Севилја се пласираше во осминафиналето на шпанскиот Куп, откако без многу проблеми со 2:0 победи на гостувањето кај Сарагоса. Фаворитот постигна по еден гол во двете полувремиња и рутински го реши прашањето околу победникот.

Коунде погоди за 1:0 во 31 минута, а сите дилеми околу победникот ги реши Рафа Мир со погодок во 69 минута. За разлика од Севилја, Вилјареал испадна од Купот, откако на гости со 1:2 загуби од Спортинг Хихон. Жолтата подморница „потона“ на гостувањето кај второлигашот, иако фаворитот прв постигна гол.

На Кадиз и Жирона доволно им беше да постигнат по еден гол за да се радуваат на победи во дуелите против Фуанлабрада и Осасуна. Вчера пласман во следното коло од Купот обезбедија и Валенсија, Мајорка, Сосиедад, Барселона, Реал Мадрид, Балеарес, Бетис и Рајо Вајекано.

Вечерва се игра дуелот меѓу третолигашот Рајо Маџадахонда и Атлетико Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести