Сезоната веќе нема смисла – ние нема да играме, па дури и да ги загубиме сите мечеви службено со 3:0

Претседателот на Бреша, Масимо Селино, уште еднаш потврди дека неговиот тим нема намера да ја доигра оваа сезона во Серија А. Според првиот човек на Бреша, нема логика да се доигрува првенството кога Коронавирусот дивее низ Италија.

Најавите се дека Калчото ќе продолжи на крајот од мај и ќе се доиграат сите преостанати мечеви. Ако тоа се случи, фудбалерите на Бреша нема да истрчаат на теренот на ниту еден дуел.

„Сезоната веќе нема смисла. Мораме да ја прекинеме бидејќи веќе ништо нема да биде исто. Нема да има публика, а во прашање е и здравјето на фудбалерите. За мене е чиста глупост ова да се продолжи, а доколку нѐ натераат да играме, јас сум подготвен на секој меч да ги повлечам фудбалерите и да загубиме службено со по 3:0. Тоа би го направил како почит за сите жртви од Бреша и нивните сакани“, вели Селино.

Претседателот на Бреша вели дека по правило, сезоната треба да заврши на 30 јуни и тогаш завршува буџетот на тимот за таа сезона, но и договорите на дел од играчите.

„Ако сакаат да направат нешто корисно, тогаш нека купат респираторни машини за болницата во Бреша“, додаде Селино.

По 26 одиграни кола, Бреша е „закована“ на дното на табелата во Серија А само со 16 освоени бодови и само со теоретски шанси да се спаси од испаѓање од елитното друштво. Единствен начин Бреша да се спаси од испаѓање е да се поништи првенството, што е и главна цел на првиот човек на овој калчолигаш.

- Оглас -

Најнови вести