Шалке без најдобриот стрелец ќе се спасува од најцрната серија во овој милениум

Продолжуваат малерите за Шалке 04 по камбекот на фудбалските терени, а нов удар за тимот од Гелзенкирхен е повредата на коленото на Суат Сердар.

Најдобриот стрелец на тимот со 7 гола сезонава во Бундеслигата нема да игра до крајот на првенството, што е огромен хендикеп за Шалке 04.

Утре без него екипата од Гелзенкирхен ќе се обиде да избегне црно сценарио и негативен рекорд во овој милениум, односно ќе се обиде против Фортуна во Диселдорф да избегне 10-ти меч без победа едноподруго.

Под притисок е и тренерот Давид Вагнер, кој нема рецепт како да ја сопре мизерната низа од девет меча без триумф, во која гол-разликата на Шалке 04 е 2:22.

И за Фортуна незгодна е бројката 22 сезонава бидејќи загубија точно толку бодови на натпреварите што ги играа на својата „Меркур-шпил арена“ во Диселдорф.

Утре од 20.30 часот ќе се обидат да ја сопрат низата од пет меча без триумф на домашен терен, но тоа ќе мора да го сторат без своите навивачи поради одлуката да се игра пред празни трибини поради опасноста од зараза со корона-вирус.

 

- Оглас -

Најнови вести