Шалке нема ниту грам „фортуна“, пораз и во Диселдорф

Продолжува агонијата за Шалке и по рестартирањето на сезоната. Тимот од Гелзенкирхен го забележа третиот последователен пораз на гостувањето кај Фортуна Диселдорф со конечни 2-1. Иако гостите поведоа преку Меккени во 53-тата минута, Фортуна набрзина реализира два погодоци пред 70-тата минута, доволно за три бода.

Шалке останува само на еден триумф во германскиот шампионат во 2020 година, а по четири порази во последните пет меча им следува пад на табелата до деветтото место со 37 бода на шест кола до крајот. За Фортуна ова е значајна победа во битката за опстанок.

Доста драматично беше на „Презеро арената“, каде што Хофенхајм со конечни 3-1 го надигра Келн. Домаќините до 50-тата минута веќе беа во убедлива предност користејќи ја ситуацијата со играч повеќе на теренот, а Хубнер ги израмни силите откако и тој заработи исклучување непосредно по стартот на вториот дел. Келн во таква ситуација намали на 3-1 преку Кајнц, а Ут на помалку од 15 минути до крајот промаши пенал за гостите со кој ќе им се зголемеа надежите да избегнат пораз.

Во преостанатите два меча од 28-то коло, Унион Берлин ремизираше со Мајнц при конечни 1-1, без голови одиграа Аугсбург и Падерборн.

- Оглас -

Најнови вести