Шалке по шест порази по ред, конечно се израдува на победа во Бундеслигата

Фудбалерите на Шалке славеа со 1:0 против Мајнц во 14-тото коло во Бундеслигата и конечно ги израдуваа своите навивачи.

Дури по шест порази по ред во Бундеслигата, Шалке вечерва со голот на Симон Терод во 10-тта минута го совлада Мајнц. Но, и покрај триумфот, остана на последното место на табелата. Шалке по 14 одиграни натпревари, освои само девет бода, еден помалку од Бохум, а во зоната на испаѓање се наоѓа и Херта со 11 бода.

Затоа, пак, од опасната зона почна да бега Баер Леверкузен, кој врза две победи по ред. Фармацевтите славеа со 2:1 на гостувањето кај Келн и скокнаа на 13-тото место на табелата со 15 бода. Баер до триумфот дојде со пресврт бидејќи по првиот дел водеше домашниот тим благодарение на голот на Шмитс во 30-тата минута. Во вториот дел, Амири и Дијабу постигнаа голови за втор триумф во Бундеслигата на новиот тренер Чаби Алонзо.

Во победнички ритам е и Лајпциг, кој со 3:1 го совлада Фрајбург. Трите бода за Лајпциг ги обезбедија Симакан, Нкунку и Форсберг, додека голот за гостите го постигна Кублер.

Ајнтрахт и Хофенхајм го одиграа најефикасниот натпревар давајќи шест гола, а на крајот се радуваа играчите на тимот од Франкфурт (4:2). Единствениот натпревар кој заврши без победник, 2:2, беше тој меѓу Унион Берлин и Аугсбург.

- Оглас -

Најнови вести