Шампионот ги приземји „ракетите“, Кари подобар „пеналџија“ од Харден

Дербито на ноќта во НБА-лигата му припадна на Голден стејт вориорс откако шампионот со минимални 104:106 славеше на гостувањето во Хјустон. Победата за Воините ја осигури Стеф Кари откако се покажа како подобар изведувач на слободни фрлања од Џејмс Харден. Рокетси потфрлија во обидот да ја остварат 10-тата последователна победа, додека Голден стејт одлично одговори на критиките од својот тренер Стив Кер по изненадувачкиот пораз од Феникс пред три ноќи.

Иако Вориорс имаа +13 во последните минути од средбата, домаќините со серија од 8-0 се вратија во игра и ја држеа неизвеноста до самиот финиш.

При резултат од 103:104, на шест секунди до крајот, Кари реализираше две слободни фрлања, потоа на другата страна застана Харден, а откако го погоди првото, второто слободно и намерно го утна во обид да изнуди шут со звукот на сирената, но топката ја собра Игуадала, па планот на Брадата пропадна.

Клеј Томпсон со 30 поени беше најефикасен во редовите на шампионот, Казинс додаде 27, Кари заврши со 24 поени. Харден на спротивната страна беше најрасположен со дабл-дабл учинок од 29 поени и 10 скока, Пол постигна исто колку и ривалот на плејмејкерската позиција (24).

 

Резултати НБА: Оклахома сити тандер – Бруклин нетс 108:96; Вашингтон визардс – Орландо меџик 100:90; Атланта хокс – Мемфис гризлис 132:111; Мајами хит – Детроит пистонс 108:74; Феникс санс – Јута џез 97:114.

 

- Оглас -

Најнови вести