Шампионот минимално славеше во дуелот на најтрофејните, потегот на ноќта во НБА припаѓа на Лилард (видео)

Демиен Лилард во претпознатлив стил ја донесе победата за Портланд од 123:122 на гостувањето кај Чикаго булс, погодувајќи тројка со звукот на сирената.

На 6,2 секунди до крајот, доскокот припадна на гостите по што Лилард ја собра топката и успеа да изгради простор за шут со чекор наназад, па шутна преку раката на Марканен и беспрекорно погоди за негови 44 поени. За Лилард тоа беше осма погодена тројка од 17 обиди за заслужена победа на Портланд, откако гостите во текот на средбата испуштија +19 поени предност.

ЛА лејкерс славеше со минимални 96:95 против Бостон селтикс во дербито на најтрофејните екипи во НБА лигата. Шампионот имаше контрола врз резултатот во поголемиот дел од средбата, но во последниот период гостите мораа да надополнуваат негатива од седум поени која брзо ја анулираа.

Домаќините со серија од 5-0 во последните триесетина секунди се обидоа да приредат драма, меѓутоа Вокер и Тајс ги промашија последните два напади и не го избегнаа осмиот овосезонски пораз.

Ентони Дејвис со дабл-дабл од 27 поени и 14 скока доминираше за Лејкерси, Џејмс застана на 21 поени и по седум скока и асистенции, додека најефикасен играч во дербито беше Џејсон Тејтум со 30 поени и 9 скока.

Останати резултати НБА:

Шарлот 126:114 Милвоки, Мајами 105:104 Сакраменто, Њу Орлеанс 112:126 Хјустон, Сан Антонио 112:129 Мемфис, Далас 105:111 Феникс, Голден стејт 118:91 Детроит.

- Оглас -

Најнови вести