Шампионот се извлече против Нола, Клиперс се новите газди во Ел – еј (видео)

Клиперс го добија градското дерби против Лејкерс на стартот од новата сезона во НБА лигата со конечни 112:102. Кавај Ленард и неговите соиграчи го спречија динамичното дуо на Езерџиите Џејмс – Дејвис и покажаа зошто се меѓу фаворитите за шампионската титула. Клиперс воедно ја остварија важната победа без втората ѕвезда во тимот Пол Џорџ, кој нема да се појави ниту во наредните девет меча поради повреда.

Дерби во вистинска смисла приредија градските ривали, а преполниот „Стејплс центар“ уживаше во мајсториите на Канџата и Кралот, а имаше и други играчи со ефективни учиноци на двете страни. Езерџиите подобро ја отворија средбата со серијата од 13-2 во воведните минути од првата четвртина, но потоа Ленард се разбуди и со 16 поени придонесе во 40-те поени на Клиперс во вториот период.

Во исто темпо домаќините продолжија и во второто полувреме, но откако Дени Грин го пронајде шутот, Лејкерс ја анулираа двоцифрената разлика од 14 поени за израмнувањена 85-85 по три периоди. Во клучни моменти од четвртата делница, Џејмс направи неколку непромислени грешки и често се колебаше во своите напади, а сето тоа Клиперс го искористи за да дојде до нова двоцифрена предност. Дејвис претходно беше најопасниот играч на Лејкерс, но неговиот тивок пристап во моменти кога се кршеше резултатот значеше дека Езерџиите нема да го преживеат првиот овосезонски меч.

Ленард со 30 поени ги предводеше Клиперс, а од втор план растури и Лу Вилијамс со 21 поен. Во редовите на Лејкерс Грин со 28 поени се истакна како најефикасен, Веѓата запиша дабл-дабл од 25 поени и 10 скока, а под просекот одигра Џејмс со 18 поени, 9 скока и 8 асистенции.

Претходно, актуелните шампиони Торонто репторс ја отворија сезоната со триумф над Њу Орлеанс пеликанс со 130:122 во продолженијата. Со возбудувања не разочара ниту премиерниот меч од новата сезона, Репторс и Пеликанс направија вистинско шоу во Канада, а до последен момент не се знаеше кој ќе се радува на победата.

Во текот на мечот резултатот често се менуваше во корист на двете екипи. Прво Њу Орлеанс испушти предност од +11 во првото полувреме, за потоа Торонто да ја преземе иницијативата, но тоа не беше доволно да се запише победата по регуларните 48 минути. Потребен беше дополнителен период да се издвои радост за Канаѓаните, а петте минути продолежние ги добија со 13-5.

Сиакам и Ванвлит блескаa за шампионот со по 34 поени, со тоа што камерунскиот крилен центар запиша двоен учинок со 18 скока. Инграм беше најсраположен во редовите на Нола со 22 поени, Харт заврши со двоен учинок од 15 поени и 10 скока.

- Оглас -

Најнови вести