Шампионот Шкупи во голем стил ја прослави титулата на Чаир

Екипата на Шкупи во шампионски стил стави шечат на одличната сезона, откако во последното коло, убедливо со 3:0 славеше над Академија Пандев, во дуелот на двата најдобри тима за оваа сезона во Прва македонска фудбалска лига. На крајот, Шкупи е првак со 76 бодови, дури 12 повеќе од второпласираната Академија Пандев.

Кристијан Трапановски даде два гола пред крајот на првото полувреме за сигурно водство на шампионот. Прво погоди во 41 минута, а потоа беше прецизен и во 45 минута. Точка на мечот стави Абази со погодок во 67 минута.

По завршувањето на мечот, навивачите на Шкупи втрчаа на теренот за да прослават со своите миленици, кои се израдуваа на шампионскиот трофеј, по завршувањето на последното 33. коло.

Шкупи како шампион ќе игра во квалификациите за Лигата на шампиони, додека Академија Пандев и Шкендија ќе бидат дел од квалификациите во Лигата на Европа.

Од лигата испаднаа Бирец и Пелистер, додека Скопје и Тиквеш ќе бидат дел од плејаут баражот во борба за останување во елитното друштво.

Резултати: Борец – Ренова 1:5, Скопје – Брегалница 4:1, Работнички – Пелистер 2:1, Шкупи – Академија Пандев 3:0, Струга – Шкендија 1:1, Тиквеш – Македонија ЃП 2:1.

Конечна табела: Шкупи 76 бодови, Академија Пандев 64, Шкендија 61, Македонија ЃП 57, Ренова 48, Струга ТЛ 47, Брегалница 45, Работнички 43, Скопје 35, Тиквеш 34, Борец 21, Пелистер 14.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести