Шченсни откри за неверојатен облог што го имал со Меси пред пеналот

Голманот на Полска, Војќех Шченсни е вистински херој за оваа репрезентација откако успеа да одбрани два пенали во трите кола од групната фаза на СП во Катар. Шченсни прво одбрани пенал на дуелот против Саудиска Арабија, и тоа при резултат 0:0, а потоа неговите соиграчи во нападот успеаја да постигнат два гола и да се радуваат на победа, додека синоќа беше подобар и од Лионел Меси.

Капитенот на Аргентина беше фаулиран токму од Шченсни, а судиите во ВАР-собата утврдија дека тоа е доволно за да има пенал за Гаучосите. Меси ја презеде одговорноста да шутира, но Шченни одбрани. За среќа на Меси, Аргентина подоцна сепак успеа да го совлада противничкиот голман и на крајот победи со 2:0.

По мечот, Шченсни откри интересна ситуација која се случувала непосредно пред пеналот. Полскиот голман бил толку уверен дека нема да има пенал за Аргентина, што му предложил на Меси да се обложат во 100 евра.

„Воопшто не мислев дека тоа ќе го досудат како пенал. Разговарав со Меси пред да одлучат судиите и му реков дека можам да се обложам во 100 евра дека нема да има пенал. Го загубив облогот против Меси и знам дека е забрането да се обложувате, можно е и да ме казнат, но не ми е грижа“, рече Шченсни, кој потоа додаде дека не планира да му ги плати тие 100 евра на Меси за загубениот облог.

Полска загуби од Аргентина, но и полските фудбалери се радуваа затоа што на крајот завршија како втори во групата и се пласираа во осминафиналето, каде што ќе играат против Франција.

- Оглас -

Најнови вести