Андриј Шевченко помина речиси осум сезони како играч на Милан. Украинецот со Милан се радуваше на титула во Серија А, го освои и Купот на Италија, како и Суперкупот, а на меѓународна сцена се радуваше на титула во Лигата на шампионите во 2003 година и трофеј во Супер купот на УЕФА во 2003 година.
По завршување на кариерата, Шевченко пет години беше селектор на Украина, а од неодамна се врати во Италија, и тоа како тренер на Џенова. Главна задача на Шевченко е да успее да ја задржи Џенова во Серија А, а Украинецот уште чека да се израдува на првата победа како тренер на клупско ниво.
Џенова утре на свој терен ќе игра против Милан во меч од 15-тото коло во Серија А, а Шевченко вели дека за првпат нема да навива за Росонерите.
„Секогаш сум навивал за Милан, но утре првпат нема да биде така. Јас сум професионалец и сигурно дека ќе ги поттиснам емоциите. Им ветувам на навивачите на Џенова дека ќе дадам сè од себе за да победиме. Сепак, треба да бидеме многу претпазливи. Точно е дека Милан загуби во последните две кола, но тоа е тим кој игра добар фудбал и може да биде многу опасен“, рече Шевченко пред утрешниот меч на кој негова задача ќе биде да најде начин како да го победи Милан.