Шифрин по триумфот во Марибор: Не ми здодеа да победувам

Микаела Шифрин со триумфот на слаломот во Марибор, дојде до бројка од 56 победи во кариерата, и ако се земе во предвид нејзината возраст (има 23 години), таа има реална шанса да биде најуспешната скијачка на сите времиња. Нејзината сонародничка Линдзи Вон има 82 победи, но Вон наскоро ќе ја заврши кариерата и повредите веројатно ќе ја спречат во обидот да го стигне рекордерот Ингемар Стенмарк кој има 86 победи.

Шифрин е доминантна во техничките дисциплини, само во оваа сезона има 13 победи, но скромно вели дека не ја интересираат бројките, и дека Вон е најголемата.

„Велат дека е здодевно кога еден ист скијач или скијачка победува постојано. Но, мене дефинитивно не ми е здодевно. Работам напорно, напредувам, си поставувам цели, и тоа се исплати“ – вели Шифрин која денеска славеше во слалом, а вчера и на велеслаломот во Словенија. Лани, Шифрин истото го направи и во Крањска Гора.

„Ми се допаѓа патеката во Марибор, бидејќи е поврзана со градот, нешто како во Загреб. Обично се тркаме во мали места, а тука можев да прошетам низ град, имав време и да одам на фризер. Постојано ми спомнуваат некакви бројки и бркање на рекорди, но мене ми пречи тоа. Знам дека Линдзи Вон не се откажува лесно, таа е голем борец, за мене најголемата скијачка. Таа е пример и инспирација за нас, не се обидувам да бидам нејзина наследничка, таа многу направи за овој спорт“ – додаде Шифрин.

- Оглас -

Најнови вести