Шкендија има хендикеп што не игра во Тетово, Струга ќе се обиде да искористи и да го одбрани врвот

Шкендија има хендикеп во новото домашно првенство и не ги игра натпреварите на домашен терен во Тетово поради реконструкција на стадионот, па и денеска ќе биде домаќин во Струмица, каде на мегдан им доаѓа лидерот Струга.

Кај гостите ќе игра Бесарт Ибраими, најдобриот стрелец во историјата на македонските шампионите и поранешен долгогодишен играч и капитен на Шкендија.

„Секако дека ја ценам Шкендија, минав многу време и тоа прекрасно таму, но сега сум играч на Струга и ќе сторам се за да победиме во дербито“, изјави Ибраими.

Дербито ќе се игра од 16 часот и победникот ќе биде лидер на табелата по четири кола.

Во истиот термин се играат и натпреварите Скопје – Шкупи, Брегалница – Македонија Ѓ.П., и Работнички – Тиквеш.

Слободна во четвртото коло е екипата на Победа, а вчера Силекс и Академија Пандев одиграа нерешено, 1:1.

Табела: Струга 9, Силекс 8, Шкендија 7, Академија Пандев, Тиквеш и Брегалница по 4, Македонија Ѓорче Петров и Шкупи по 3, Скопје, Победа и Работнички без бодови.

Напомена: Шкупи има одиграно само еден меч, Македонија Ѓ.П, Тиквеш и Скопје по два, Струга, Шкендија, Брегалница, Победа и Работнички по 3 и Силекс и А. Пандев по 4, поради откажувањето на Ренова и непарен број на екипи, 11 во ПМФЛ.

 

- Оглас -

Најнови вести