Шкупи и Шкендија ги чекаат можните следни ривали во Конференциската лига

По срамната елиминација во квалификациите од Лигата на шампиони, Шкендија сега продолжува во новата Конференциска лига на УЕФА, каде за противник го има тимот на Рига од Летонија. Во Конференциската лига е и Шкупи, единствениот македонски претставник кој успеа да елиминира противник во Европа ова лето. Шкупи во второто претколо ќе игра против Санта Клара од Португалија.

Доколку Шкендија и Шкупи ги поминат овие ривали, ќе продолжат во третото квалификациско коло, а ждрепката за паровите од оваа рунда ќе се знаат денеска по 14 часот. Шкупи е во улога на носител, а доколку го елиминира португалскиот ривал има седум можни ривали во следното коло.

Шкендија е во групата на шампиони кои испаднаа, па во нивниот случај нема да има делење на носители и неносители. Ако тетовци успеат да ја елиминираат Рига, за противник ќе имаат еден од осумте победници во другите двобои или Шамрок кој е директно пласиран во третото квалификациско коло.

Освен ждрепката во Конференциската лига која ќе започне во 14 часот, денеска ќе има ждрепки и за квалификациите во Лигата на шампиони (во 12 часот) и во Лигата на Европа (13 часот). Македонија нема свои претставници во квалификациите за ЛШ и ЛЕ.

- Оглас -

Најнови вести