Тренерот на Астон вила, Унаи Емери, се надева дека утрешното финале во Лигата на Европа против Фрајбург ќе означи почеток на една нова и успешна ера за клубот од Бирмингам.
Астон вила ќе се бори за својот прв трофеј по пауза од три децении, а воедно ова ќе биде и нивно прво европско финале уште од 1982 година, кога го совладаа Баерн Минхен и ја освоија титулата во тогашниот Куп на европските шампиони.
Иако за Емери ова ќе биде шесто финале во Лигата на Европа, а зад себе веќе има четири освоени трофеи во ова натпреварување, искусниот шпански стратег не сака да го носи епитетот „крал на Лигата на Европа“.
„Најважни се искуствата што ги создадовме со Астон вила. Пред три години игравме полуфинале во Конференциската лига, минатата сезона четвртфинале во Лигата на шампионите, а сега сме во финале на Лигата н Европа. Тоа се чекори кои многу значат за клубот и за играчите. Утре нè очекува нов предизвик и сакаме заедно да испишеме нова страница во историјата“, изјави Емери.
Тој потенцира дека финалето ќе биде вистинска битка на сите полиња.
„Очекувам тактичка, техничка и емотивна пресметка. Имаме самодоверба, но и огромен респект кон противникот. Не сум крал на Лигата на Европа. Тоа што сум го постигнал во минатото, нема да ни помогне утре. Сега мораме да победиме со овој тим на Астон вила. Ова е нова можност и се надеваме дека ќе биде почеток на нова ера за клубот“, додаде шпанскиот стратег.
Емери се осврна и на ситуацијата со Амаду Онана, кој е неизвесен за настап во финалето.
„Тој тренираше вчера и ќе тренира повторно денеска. Одлуката ќе ја донесеме непосредно пред натпреварот, зависно од тоа како се чувствува. Секако дека е важен играч за нас, но последните натпревари покажаа дека тимот знае да одговори и без него“, порача Емери.

