Шок за трикратниот првак во Јужна Америка, елиминиран иако дома водеше со 2:0

Екипата на Атлетико Паранаенсе се пласира во финалето на Копа Либертадорес откако одигра 2:2 на гости кај Палмеирас. Ова натпреварување е пандан на европската Лига на шампиони, а Палмеирас е тимот кој доминираше во ова натпреварување и ги освои титулите во 2020 и 2021 година. Палмеирас бил правак на Јужна Америка и во 1999 година, што значи дека има три континентални трофеи, а сега пропушти шанса да се бори за нов пехар.

Палмеирас и оваа сезона беше фаворит за место во финалето, а по поразот во првиот меч со 0:1 од Атлетико Паранаенсе, тимот од Сао Пауло се очекуваше да ја анулира таа негатива.

Само по три минути, Палмеирас поведе со 1:0, но домаќините останаа со играч помалку по црвениот картон на Мурило во 45-тата минута. Иако беа со фудбалер помалку, Палмеирас поведе и со 2:0 во 55-тата минута и тоа беше резултат кој ги водеше во финалето на Либертадорес купот.

Сепак, Атлетико Паранаенсе на крајот ја искористи предноста од фудбалер повеќе и со два гола во последните 30 минути од мечот стигна до 2:2, доволно за пласман во финалето на највредниот Куп во Јужна Америка. Ова е второ финале на Атлетико Паранаенсе во Копа Либертадорес, повторувајќи го успехот од пред 17 години.

Во второто полуфинале бразилскиот Фламенго на свој терен го пречекува Велес Сарсфилд од Аргентина. Фламенго има убедлива предност од 4:0 по првиот меч и речиси сигурно е дека тоа ќе биде тимот кој ќе биде ривал на Атлетико Паранаенсе во финалето.

- Оглас -

Најнови вести