Руската кошаркарска репрезентација ќе биде значително ослабена на претстојниот Мундобаскет откако е потврдено дека Алексеј Швед ќе отсуствува поради повреда. Кошаркарот на Химки се здоби со повреда на глуждот, поради што ќе мора да паузира најмалку од четири до пет недели, објави денес неговиот клуб.
Повредата се случува на помалку од дваесетина дена до стартот на светскиот кошаркарски собир, што значи дека Швед не ќе може да им помогне на Русите, кои пласманот во нокаут-фазата ќе го бараат преку Аргентина, Кореја и Нигерија, како противници во групата Б.
„Многу ми е жал што морам да го пропуштам Мундобаскетот поради повреда. Цело лето напорно работев да бидам максимално подготвен и да обезбедиме добар пласман, но не ги поминав лекарските прегледи, по што ми е препорачана рехабилитација на подолг период. Жал ми е бидејќи знам дека тимот сметаше на мене“, се огласи Швед.