Њујорк никс го победи Бостон селтикс со 138-134 во најинтересниот натпревар синоќа во НБА-лигата. Победникот во „Медисон сквер гарден“ беше одлучен по две продолженија.
Јунаци на Никс беа Џулиус Рендл, кој уфрли 35 поени за 46 минути игра и засилувањето кое го донесоа летоска, Еван Фурние, кој даде 32 поени, од кои 12 во второто продолжение, и се покажа како клучен фактор во триумфот. Французинот е прв играч на Никс кој постигнал 30 поени или повеќе на своето деби во дресот на овој клуб.
Никс ги преживеаја 46-те поени на Џејлен Браун, кој постави клупски рекорд на Селтикс по број на поени на прв меч во сезоната. Досега рекордот го држеа Пол Пирс и Боб Кузи со по 35 поени.
Бостон даде 7 поени во последните 11,5 секунди од регуларниот дел, тогаш и се спаси од пораз. Во првото продолжение тимовите заедно дадоа седум тројки, но пак немаше победник. Кемба Вокер, кој е роден во Њујорк, со 10 поени дебитираше во дресот на Никс.
Филаделфија без проблем мина во Њу Орлеанс, победи со 117-97, а за првпат на отворање на сезона, четворица играчи на Сиксерс имаа 20 или повеќе поени. На Западот интересно беше во Феникс, каде што Денвер предводен од 27 поени и 13 скока на Никола Јокиќ победи со 110-98, а Сакраменто славеше против Портланд со 124-121 во меч на кој Херисон Барнс имаше лични рекорди од 36 поени и 8 погодени тројки.
Ова се некои од клучните поени на Фурние за Њујорк никс:
https://twitter.com/i/status/1451030201824120836