Шоумените Леброн и Дончиќ повторно со трипл-дабл (видео)

Леброн Џејмс е најзаслужен за петтиот последователен триумф на Лејкерс. Тој со уште една трипл-дабл партија ги предводеше Езерџиите против Сан Антонио спарс при конечни 103:96. Кралот за помалку од 38 минути реалзира 21 поен, 11 скока и 13 асистенции и втор меч во низа остварува троен учинок.

Во текот на мечот Џејмс успеа да украде и две топки, со кои направи скок од едно место на вечната листа надминувајќи го Коби Брајант до 15-тата позиција со вкупно 1.945 украдени топки.

Одлична партија одигра и Дејвис, Веѓата со неговите 25 поени и 11 скока беше клучен колку и Леброн во вториот овосезонски пораз на Спарс.

https://www.youtube.com/watch?v=Lf2AwyqhwMg

Во поразот од Лејкерс пред неколку ноќи Лука Дончиќ запиша трипл-дабл, а сензационалниот Словенец оствари слична статистика и ноќеска во победата над Далас против Кливленд со 131:111.

Дончиќ е првиот играч во НБА-лигата кој успеал да оствари троен учинок барем со 29 поени, 15 скока и 13 асистенции во два последователни меча. Против Лејкерс имаше два поени повеќе, додека ноќеска запиша еден скок повеќе. Дончиќ беше највиновен за четвртиот пораз на Коњаницата и успеа да го засени одличниот настап на Кевин Лав од 29 поени и 8 скока.

https://www.youtube.com/watch?v=mY4WXMklOkk

Во уште едно ладнокрвно издание на Кавај Ленард, ЛА клиперс стигна до петтиот триумф сезонава совладувајќи ја Јута џез со 105:94. Канџата од стартот на оваа сезона во просек постигнува по 29,2 поени, а и ноќеска беше доследен на својот учинок и реализира точно 30.

Ленард се погрижи за неговата екипа да го задржи победничкиот ритам, иако на противничката страна се разигра Донован Мичел, но 36 поени на одличниот бек на Џезерите не беа доволни да се спречат Клиперс.

https://www.youtube.com/watch?v=ZPQMwJaM61E

Во останатите два меча кои се играа ноќеска, Сакраменто славеше со 113:92 на гости кај Њујорк никс, Мајами хит беа подобри од Хјустон со 129:100.

- Оглас -

Најнови вести