Шоуто може да почне: Нов револуционерски формат, но стари фаворити

Вечерва од 18:45 часот започнува новата сезона во Лигата на шампионите. Според многу нешта, ова ќе биде историска сезона во елитната лига на УЕФА. Го нема веќе добро познатиот формат од осум групи со по четири екипи, каде што најдобрите две од секоја група одат во нокаут-фазата.

Нов револуционерски формат ќе има сезонава во ЛШ. Наместо досегашните 32 екипи, за првпат во елитното друштво ќе учествуваат 36 клуба од цела Европа. Нема да има поделба во групи, туку сите екипи се дел од една лига и ќе има заедничка табела.

Сепак, нема секој клуб да игра против секого. Со ждрепка која беше минатиот месец, беа одредени осумте противници на сите екипи. Секој клуб ќе се бори да освои што е можно повеќе бодови, да постигне што е можно повеќе погодоци затоа што на крајот, главна битка ќе биде пласманот во Топ 8.

Според новите прописи, екипите кои ќе завршат на првите осум места на табелата ќе обезбедат директно место во осминафиналето. Екипите кои на табелата ќе бидат од деветото до 24-тото место ќе играат во плејофот за осминафиналето, додека оние кои ќе бидат од 25-тото до 36-тото место ќе го завршат евронастапот. Тоа значи дека веќе нема да има екипи кои од Лигата на шампионите ќе продолжат со настапи во Лигата на Европа.

Последното коло од лигашкиот дел ќе биде на 29 јануари, што исто така е првпат оваа фаза да не заврши до Нова година. Нокаут фазата ќе започне на 1 февруари, а финалето ќе се игра на 31 мај на „Алијанц арена“ во Минхен.

Различно ќе биде и тоа дека за првпат едно коло во ЛШ ќе се игра во три дена (вторник, среда и четврток). Toa што е исто од претходните сезони е што исти се фаворитите за највисок пласман. Европските гиганти Реал Мадрид, Манчестер сити, Барселона, Баерн Минхен, Арсенал, Интер, Ливерпул, ПСЖ се меѓу најсериозните кандидати за освојување на трофејот.

За првпат во една сезона ќе има дури четворица македонски фудбалери кои ќе бидат дел од ЛШ. Бојан Миовски со Жирона, Елиф Елмас во дресот на Лајпциг, како и двоецот Стефан Ристовски и Аријан Адеми во Динамо Загреб ќе ја бранат честа на македонскиот фудбал.

 

- Оглас -

Најнови вести