Шпанија без милост против Костарика, ја победи со 7:0

Шпанија ја забележа највисоката победа во нивната историја на Светските првенства откако со 7:0 славеше над Костарика. Освен овој рекорд, Црвената фурија постави уште неколку најдобри постигнувања на овој дуел во Катар.

Серијата погодоци почна само по 11 минути, кога Дани Олмо погоди за 1:0. До крајот на првиот дел погодија и Марко Асенсио и Феран Торес, па Шпанија на полувреме водеше со 3:0. Ова е само вторпат во мундијалската историја на Црвената фурија да имаат ваква предност на полувреме, повторувајќи го постигнувањето против Бразил во далечната 1934 година.

Иако беше јасно кој ќе победи, Шпанија продолжи во исто темпо и во второто полувреме. Феран Торес погоди по вторпат за него во 54-тата минута, а потоа излезе од игра и немаше шанса за хет-трик.

Гави, кој со самиот настап на овој меч постави рекорд на најмлад Шпанец кој заиграл на СП (18 години и 110 денови), талентот од Барселона успеа да се запише и во листата на стрелци, кога погоди во 74-тата минута и зголеми на 5:0.

Солер и Мората, кои влегоа во игра во второто полувреме, погодуваа во последните минути од мечот. Најпрво Солер беше прецизен за 6:0 во 90-тата минута, а Мората се радуваше две минути подоцна за 7:0.

Овој резултат од 7:0 е најголем триумф за Шпанија на СП, подобрувајќи го рекордот од 1998 година, кога со 6:1 ја имаа победено Унгарија.

- Оглас -

Најнови вести