Шпанија е доказ дека календарот за репрезентативниот фудбал радикално е сменет

Шпанската фудбалска репрезентација синоќа ја разби Романија како за крај на квалификацискиот циклус за Евро 2020 и со тоа Шпанците го одиграа последниот меч во оваа 2019 година, во која играа само официјални средби, без ниту една пријателска.

Црвената фурија за првпат по 1976 година завршува календарска година без меч од контролен карактер, туку играше 10 меча и сите официјални од квалификациите за ЕП.

Шпанија на 40 меча по ред дава гол, а исто така продолжи и серија на успеси кога како домаќин игра во Мадрид.

Светскиот рекорд според серија на мечеви барем со еден постигнат гол го држи Унгарија од 1949 до 1957 година, кога на 72 дуели по ред даваше гол. Шпанија последен пат кога не даде гол беше на ЕП во 2016 година, против Италија. Во главниот град, Шпанија на последните 17 меча има 14 победи и три ремија. Последен пат загубија во Мадрид од Англија во 1987 година, и тоа на пријателски меч.

Роберт Морено за последен пат ја водеше Шпанија. Под негово водство, Шпанија во просек даваше по фантастични 3,3 голови, но тој беше само привремено решение. Луис Енрике поради болеста, подоцна и смртта на ќерка му, ја напушти селекцијата, но на ЕП, сепак, најверојатно тој ќе го води тимот од клупата.

 

- Оглас -

Најнови вести