Шпанците биле мајстори за местење, сега се осомничени и двајца тенисери

Пред неполн месец, шпанската полиција направи голема акција во која беа уапсени повеќе лица осомничени дека учествувале во наместени фудбалски натпревари. Меѓу осомничените, еден од главните е и поранешниот играч на Реал Мадрид, Раул Браво.

Се местело на дуели од Примера и Сегунда дивисион, а најсвеж е примерот со средбата од последното коло ов Примера, кога Валенсија со 2:0 го победи Валјадолид на гости. Полицијата има снимени разговори на осомничените како се договараат Валенсија да води на полувреме и на крајот да победи. Така и се случи, со тоа што двата гола на гостите беа по катастрофални грешки на одбраната на Валјадолид.

По тој фудбалски скандал со наместени мечеви, весникот „Ас“ пишува и за местенки во тенисот. Двајца шпански тенисери наместиле дуел во двојки на Вимблдон во 2017 година. Фелисијано и Марк Лопес биле поставени како 11 носители, а изгубиле во првото коло со 3:6, 7:6, 6:2, 6:4 од Џон-Патрик Смит и Мет Реид.

Само еден ден пред овој пораз, Фелисијано Лопес го предал својот меч во синг конкуренција против Французинот Адријан Манар, при водство од 2:1 во сетови и 4:3 во гемови.

Полицијата стигнала до имињата на Фелисијано и Марк Лопес откако по испитувањето во станица некогашниот фудбалер Карлос Аранда рекол дека има информации дека се местело и во други спортови, а не само во фудбалот. Аранда рекол дека знаел дека Фелисијано и Марк Лопес ќе загубат во првото коло на Вимблдон во 2017 година, тоа му го кажал на свој пријател. За возврат, Аранда од пријателот барал 50 отсто од заработката.

 

- Оглас -

Најнови вести