Што се случи само за една година? На 13 јуни лани илјадници навивачи беа во Букурешт, синоќа во Скопје стадионот зјаеше празен

Датумот 13 јуни има посебно значење во македонскиот фудбал. На овој датум точно пред една година, македонската фудбалска репрезентација испиша историја и за првпат играше на Европско првенство.

На стадионот во Букурешт првпат се слушна македонската химна на големо континентално натпреварување, а илјадници навивачи беа на трибините и во еден глас пееја и ги бодреа фудбалерите. Загубивме со 3:1 од Австрија, но сите македонски навивачи се чувствуваа како победници затоа што пласманот на ЕП е големо постигнување.

Од тој меч во Букурешт помина точно една година, а еуфоријата која постоеше ова време минатата година целосно згасна, иако Македонија во изминативе две недели играше дури четири меча.

Нашите најдобри фудбалери играа во Лигата на нациите, токму тоа натпреварување преку кое и добивме виза за ЕП. Сепак, сега сме далеку од ЕП преку Лигата на нациите затоа што резултатите не се како што посакувавме.

Стартувавме со реми кај Бугарија, што не беше толку трагично прифатено. Потоа следуваше победа кај аутсајдерот Гибралтар со 2:0 и кога се очекуваше да влеземе во победнички ритам, се случи шок. Во Скопје добивме фудбалска шлаканица од Грузија и загубивме со 0:3.

Овој пораз беше разочарувачки за навивачите кои дојдоа на „Тодор Проески“, па затоа не делуваше чудно тоа што три дена подоцна, трибините на стадионот во Скопје  зјаеја празни. Македонија со 4:0 ги победи аматерите од Гибралтар за комплетирање на јунскиот циклус, но малкумина се израдуваа на оваа убедлива победа.

ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ ВО МИНАТОТО БЕШЕ ТОА ШТО НИ ДОНЕСЕ МНОГУ РАДОСТ И ПЛАСМАН НА ЕП, ПРЕКУ ГЛАВНИ КВАЛИФИКАЦИИ ВЕЌЕ 30 ГОДИНИ СОНУВАМЕ 

До крајот на циклусот во Лигата на нациите ни останува да играме против Грузија на гости и со Бугарија дома. За да се надеваме на првото место во групата, ќе мора да бркаме триумф во Тбилиси поголем од тоа што дома загубивме со 0:3, што реално е тешко остварливо, а потоа да славиме над Бугарите. Едноставно, шансата да бркаме пласман на ЕП 2024 година е речиси загубена.

Селекторот постојано споменува дека главен приоритет е пласман на ЕП преку квалификациите, но не треба да заборавиме дека ние преку такви квалификации веќе 30 години само сонуваме да бидеме дел од големо натпреварување, додека од Лигата на нациите од единствениот настап успеавме да го оствариме сонот.

ДВЕ ПОБЕДИ НАД АМАТЕРИТЕ И ПРАЗНИ ТРИБИНИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТААТ ЗА УСПЕХ

Според резултатите од овие мечеви од Лигата на Европа, ќе зависи и тоа дали во ждрепката за евроквалификациите ќе бидеме во третиот или четвртиот брабан, а со тоа и какви противници може да очекуваме. Тоа значи дека лошите резултати против Бугарија и Грузија може да ни донесат уште поголема штета.

Фактот дека Македонија во овие четири меча од Лигата на нациите успеа да ги победи само аматерите од Гибралтар двапати, но успеа и публиката да се разочара и трибините да зјаат празни, па може да се заклучи дека ова беше неуспешен циклус на нашата репрезентација.

Да се надеваме дека од септември, па во следниот период ќе биде многу поинаку и дека ќе се врати надежта кај навивачите за наскоро нашата најсилна селекција да може повторно да ја гледаме на големо натпреварување, а не само да се потсетуваме на вакви годишнини како денеска и да раскажуваме како беше во Букурешт.

Едноставно, да продолжиме да создаваме нови успешни приказни, фудбалска Македонија тоа го заслужува.

- Оглас -

Најнови вести