Што се случува со светските шампиони? Потврдена нова повреда, овојпат на првотимец

Дидие Дешамп, селекторот на Франција, се соочува со големи проблеми на ова Европско првенство.

Во прашање се бројни повреди, прво Усман Дембеле ја напушти селекцијата поради повреда на коленото и му е потврдена пауза од четири месеци, а денес на здравствени проблеми се пожалија и резервистите Маркус Турам и Тома Лемар. Но, тоа не е сè. Адриен Рабио исто така подлегна на повреда на зглобот, која го мачеше уште во подготовките пред континенталниот собир.

Медицинскиот тим на Триколорите тврди дека играчот за врска на Јувентус со редовен третман може да продолжи да настапува и да биде дел од стартните 11, но тој се плаши дека доколку ризикува, може да му се случи истата судбина како сонародникот Самуел Умтити. Стоперот на Барселона по Мундијалот во Русија никако не може да ја поврати формата и е често повреден бидејќи на сличен начин се форсираше на Светското првенство.

Рабио беше стартер во првите два меча против Германија и Унгарија, додека во спектаклот против Португалија одигра 39 минути влегувајќи во второто полувреме.

Франција на 28 јуни ќе се пресмета со Швајцарија во осминафиналето.

- Оглас -

Најнови вести