Швајцарскиот напаѓач Брил Емболо ќе им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи на Светското првенство во САД откако беа решени проблемите со неговата виза.
Швајцарската репрезентација отпатува за САД во вторникот без Емболо бидејќи американските власти ја ставија неговата ESTA-дозвола на дополнителна проверка. ESTA е автоматизиран систем кој утврдува дали одредено лице ги исполнува условите за влез во Соединетите Американски Држави.
Во средата Емболо го презентирал својот случај на состанок во американската амбасада во Берн. Од Швајцарскиот фудбалски сојуз потврдија дека визата му е одобрена и дека се очекува да ѝ се приклучи на репрезентацијата во петок навечер.
Проблемите околу неговото патување повторно ги отворија прашањата за два случаи од периодот на пандемијата на корона-вирусот. Во 2021 година Емболо беше дисциплински казнет затоа што присуствувал на приватна забава и покрај тогашните рестриктивни мерки.
Три години подоцна неговото име се појави во истрага во Базел поврзана со купување фалсификувани потврди за тестирање на корона-вирус. Засега не е познато дали овие настани имаат врска со дополнителната проверка на неговата ESTA-дозвола.
Емболо досега има 86 настапи и 24 гола за Швајцарија. Минатата сезона во дресот на Рен постигна 10 погодоци, а претходно настапуваше за Базел, Шалке 04, Борусија Менхенгладбах и Монако.
На Светското првенство Швајцарија ќе игра во група со Канада, Катар и Босна и Херцеговина, а првиот натпревар ќе го одигра на 13 јуни против Катар.

