Репрезентацијата на Шведска забележа убедлива победа од 38-27 над Хрватска на ракометниот турнир на Олимпијадата во Париз и направи вистински хаос во групата „А“. Освен Шведска и Хрватска, и селекциите на Словенија, Шпанија и Германија имаат по четири бода и на сите нив им претстои голема борба за пласман во четвртфиналето.
Мечот започна одлично за Хрватска, бидејќи до средината на првото полувреме одржуваа предност од четири голови разлика, односно до нивно водство од 10-6. Следуваше серија на Шведска од 6-1 за комплетен пресврт и од тој момент до крајот на мечот, на паркетот во Париз постоеше само една репрезентација.
Шведска на паузата замина со предност од 18-15, а второто полувреме го започнаа со серија од 5-0, по што веќе беше јасно кој ќе биде победникот на овој натпревар. Хрватска во претходно коло ја совлада Германија, па овој пораз доаѓа како шлаканица за избраниците на Сигурдсон.