Швеѓаните се бесни на ИХФ пред стартот на СП: Во нашата земја не ни даваат да бидеме домаќини

Швеѓаните се бесни на Интернационалната ракометна федерација, ИХФ, откако им воведе строги мерки за ковид-19 непосредно пред стартот на Светското првенство, на кое Шведска е домаќин заедно со Полска.

ИХФ на десетина дена пред почетокот на шампионатот воведе нови правила и сите репрезентативци и помошниот персонал ќе мора да бидат тестирани на ковид-19 најмалку трипати во текот на шампионатот од 11 до 29 јануари.

За сите се бара да имаат примено најмалку две вакцини, а и за почеток да имаат валиден ПЦР тест не постар од 72 часа при влегувањето во Шведска.

Второто тестирање е по завршувањето на првата фаза по групи, а последното пред четвртфиналето.

Позитивен тест ќе значи принудно мирување од пет дена, што исто така е неприфатливо за Швеѓаните.

Тие од април лани воопшто не го сметаат ковид-19 за опасен вирус по заедницата и сите мерки беа потполно укинати.

„Играме Светско првенство на наша почва како домаќини, а не можеме така да се однесуваме. Не ми е јасно зошто прифативме ИХФ да диктира вакви услови. Времето на ковид-19 е минато и никој не се плаши од вирусот. ИХФ одреди да нема контакти на ракометарите со публиката, со децата кои ќе чекаат автограми од своите идоли. Тоа е убавината на спортот што сега некои ракометни бирократи се обидуваат да ја уништат со враќање на нешто што веќе е минато“, изјави легендата на ракометната игра Михаел Апелгрин, кој е помошен тренер на репрезентацијата на Шведска.

На Мундијалот ќе игра и Македонија, но во Полска, во Краков во првата фаза од шампионатот.

На 13 јануари ривал ќе ни биде Норвешка, два дена потоа и Холандија, а на 17 јануари ќе ги одмериме силите со Аргентина.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести