Си играат пинг-понг со ЛАСК во Австрија – Им земаа шест бода, сега им враќаат два

Казната од шест бода што му беа одземени на ЛАСК поради непочитување на протоколите за заштита од корон-вирусот и заеднички тренинг на играчите кога тоа не беше дозволено, сега е намалена на четири бода.

Клубот од Линц се жалеше и дисциплинската комисија што е задолжена за најквалитетното фудбалско натпреварување во Австрија делумно ја прифати жалбата на ЛАСК.

Казната од 75 илјади евра мора да се плати, но тоа е најмал проблем за амбициозниот клуб. ЛАСК имаше голема шанса по вторпат во клупската историја да биде шампион на Австрија, но делумно и самите се виновни.

Беа први по регуларниот дел од шампионатот и требаше да имаат три бода предност во доигрувањето против Салцбург, екипа што доминира во новиот милениум во Австрија.

Но, фудбалерите на ЛАСК имаа заеднички тренинг во моменти кога такво нешто не беше дозволено, а откако фотографиите од тренингот беа објавени, следуваше казна од шест бода минус за лидерот.

Тоа направи претумбувања на табелата пред стартот на плејофот, па ЛАСК наместо со три бода предност во плејофот тргна со три бода заостанување зад новиот лидер Салцбург.

Потоа следуваа и слаби изданија, па моментно најдобиот тим од регуларниот дел на шампионатот е на третата позиција во плејофот без шанси за титулата. Сепак, додатокот од два бода по новата одлука на дисциплинците ќе му бидат добредојдени на ЛАСК во битката за второто место со Рапид и за евентуален настап во Лигата на шампионите.

Салцбург на четири кола до крајот на првенството има 38 бода, Рапид е втор со 32, а ЛАСК сега има 30 бода.

 

- Оглас -

Најнови вести