Силекс 24 години чека трофеј во купот, Академија Пандев фаворит на хартија

Академија Пандев или Силекс ќе бидат победници на Купот на Македонија за оваа сезона, а кој ќе биде подобар и ќе го крене убавиот трофеј, ќе се знае вечерва, откако ќе заврши средбата чиј почеток е закажан за 19 часот на националната арена „Тодор Проески” во Скопје.

Струмичани го освоија Купот во 2019 година и тие се бранители на трофејот бидејќи лани ова натпреварување не го дочека својот крај, а Кратовци по 24 години се враќаат во финалето и одат по трети пат да го освојат Купот. Според квотите во Sport Life, поголеми шанси има Академија Пандев, но коефициентот и за нивна победа е голем.

Тренерот на Академија Пандев, Александар Васоски, вели дека неговите фудбалери се максимално фокусирани и подготвени за овој натпревар, очекува добра игра и победа.

„Одлично сме подготвени за овој натпревар, се надевам дека и втора година по ред Академија Пандев ќе биде тимот што ќе го освои трофејот. Тоа е наша цел. Шансите се подеднакви за двете екипи. Очекувам да се претставиме во добро светло, се надевам на добра игра и победа“, рече Васоски.

Тренерот на Силекс, Горан Симов, вели дека е време по 24 години пауза, пехарот да се врати во Кратово.

„Се надевам дека по пауза од 24 години, ќе успееме да го освоиме трофејот. Во прашање е еден натпревар и сè е можно. Добро го анализиравме противникот и подготвени сме за ова финале“, вели Симов.

- Оглас -

Најнови вести