Силекс уште еднаш ја покажа силата кога игра на свој терен во Кратово и со 2:1 славеше над Шкупи, во меч од 14. коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Уште во првото полувреме беа постигнати сите три голови, а гостите први се израдуваа кога Кристијан Трапановски погоди за водство во 12 минута.
Овој гол на Шкупи не ги збуни домашните фудбалери, туку напротив им даде мотив да заиграат многу подобро, па веќе во 17 минута беше 1:1 кога погоди српскиот интернационалец Милош Николиќ.
Целосниот пресврт се случи пред крајот на полувремето, односно во 41 минута кога напаѓачот на Силекс Антонио Калановски погоди за 2:1. Во вториот дел се водеше голема битка на теренот, а Шкупи во 85 минута остана со фудбалер помалку, кога црвен картон доби Илиески, а резултатот до крајот остана ист како по првите 45 минути.
Во вториот меч кој се играше денеска, Работнички со голот во 60 минута на интернационалецот од Камерун, Аиме Гандо стигна до трите бода на теренот во Ѓорче Петров против Македонија.