Не стивнуваат реакциите по синоќешното супер интересно мадридско дерби. Атлетико и Реал играа на „Ванда Метрополитано“, а на крајот двете екипи освоија по еден бод откако заврши нерешено 1:1.
Како што наликува, дербито беше полно со тензии, фајтерска игра од двете страни, но и испади на навивачите, па така во средината на второто полувреме се случи прекин. Фановите на Атлетико почнаа да фрлаат со меки и тврди предмети кон голманот Тибо Куртоа, а судијата реши да го прекине дербито на 15-тина минути, при водство на Реал Мадрид со 1:0.
Откако се смирија страстите, Атлетико притисна со сите сили да израмни и тоа се случи во 90+5 минута, кога Кореа погоди за 1:1. По дуелот, тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, изјави дека немилите сцени што беа предизвикани од фановите не треба да се случуваат, но и тоа дека одговорност за ескалација на ситуацијата сноси и голманот на Реал, Тибо Куртоа.
„Клубот ќе ги донесе потребните одлуки за луѓето кои го направија ова. Не ни требаат на трибините. Ни требаат луѓе кои не поддржуваат и кои мислат за клубот… Но, тоа не значи дека тоа е само нивна вина затоа што тие реагираа на нешто што се случи на теренот. Mислам дека треба да има санкции за тој што ги испровоцира. Mора да има санкции и за провокаторот ако сакаме да ги казниме оние што фрлаат запалки, мора да го казниме и тој што ги испровоцира бидејќи ако нема такви санкции, тоа може да се повтори“, рече Симеоне во освртот околу инцидентот.
Што се однесува до фудбалската игра, тренерот на Атлетико вели дека не е целосно задоволен затоа што знае дека неговиот тим може да одигра подобро.
„Во првото полувреме добро се браневме, но не сум задоволен затоа што можевме да дејствуваме подобро од контранападите. Инцидентот кој се случи во второто полувреме позитивно ни влијаеше. Екипата се врати на теренот и покажа друго лице. Создадовме неколку добри шанси и на крајот постигнавме гол“, анализира Симеоне.
Што точно се случуваше за да има прекин на дербито, може да видите ТУКА.