Атлетико Мадрид несреќно е елиминиран од градскиот ривал Реал во осминафиналето од Лигата на шампионите откако беше поништен голот од пенал на Хулијан Алварес поради двојно играње со топката. Јорганџиите по 120 минути игра имаа 1-0, со што го анулираа поразот од 2-1 на „Сантијаго Бернабеу“.
На прес-конференцијата по мечот, Диего Симеоне направи шоу и ги праша новинарите дали некој од нив забележал двојна игра.
„Дали видовте? Дали видовте дека двапати ја допре топката? Немојте да се плашите, дали тука некој виде дека ја допре топката двапати? Кренете рака ако видовте“, се обрати тренерот на Атлетико Мадрид до новинарите на прес-конференцијата по мечот.
Тренерот на Атлетико Мадрид го анализираше и мечот, па заклучи дека неговата екипа комплетно го надиграла противникот, а пресудата на крајот ја донел ВАР-системот.
Diego Simeone 🇦🇷 en conférence de presse :
« À tous ceux qui sont ici : levez la main si vous avez vu que Julián a touché le ballon deux fois lors du penalty. Personne ? Autre question. » 😶😤
🎥 @CanalplusFoot pic.twitter.com/OmDuKSEfeS
— Actu Foot (@ActuFoot_) March 13, 2025
„Одигравме одличен меч, се боревеме неверојатно, можевме и да ја дуплираме предноста во продолженијата. Видов дека Хулијан ја спушти ногата на пеналот, но топката не се помести. Горд сум на моите фудбалери и на начинот на којшто се боревме. Не успеавме да го победиме Реал Мадрид во Лигата на шампионите, но секогаш им задававме тешка борба и тешки натпревари. Ќе имаат чувство дека победиле, но кога ќе бидат сами, ќе помислат дека ги мачевме. Игравме со многу енергија, сила и желба, ја контролиравме играта на противничката екипа. Што се однесува до пеналот… топката не се помести, но ВАР ни пресуди. Ова е нешто што никогаш го немам видено на пенали и сакам да верувам дека двапати ја допре топката. Никогаш немам видено ВАР-собата да реагира во пенал-серијата“, рече Симеоне.
Атлетико Мадрид во недела ја пречекува Барселона во меч од шпанската Ла Лига, а заклучокот на Чоло е дека во Каталонија се задоволни што морале да играат продолженија.
„Не е лесно да се помине преку вакво испаѓање, да не се лажеме. Во недела имаме голем противник. Во Барселона сигурно се среќни што игравме продолженија. Ќе бидеме разочарани, заморни, елиминирани од Лигата на шампионите, но ќе играме и ќе дадеме сè од себе“, го најави мечот против Барселона.