Атлетико Мадрид после синоќешната победа над Реал Сосиедад од 2-1, е блиску до освојување на титула во шпанското првенство, и Јорганџиите уште в недела би можеле да ја прослават титулата, доколку Реал Мадрид вечерва не победи на гостувањето кај Гранада. Атлетико во финишот на дуелот со Сосиедад беше во агонија, но се спасија и успеаја да освојат три бода кои може да бидат клучни. Сега веќе Севилја нема шанса за титула, а и Барса е 99% отпишана, па Реал е единствена закана за лидерот.
Тренерот Диего Симеоне рече дека подобро за неговото здравје е ако вечерва не го гледа дуелот на Гранада и Реал. Тој посакува да слушне вести дека мадридскиот тим не победил.
„Многу сум нервозен и анксиозен. Преферирам да не гледам, туку на крај да го дознаам резултатот“ – рече Симеоне.
Аргнтинскиот стручњак смета дека непотребно се довеле во ситуација да страдаат во финишот против Реал Сосиедад, и одвај да чекаат судијата да свирне крај бидејќи им висеше голот и противникот беше блиску до изедначување.
„Нефер и непотребно беше страдањето во финишот. Но, оние мечеви со Леванте ни минуваа низ главата. Тогаш игравме добро и губевме бодови и затоа кога Сосиедад намали на 2-1, почнаа вртоглавици. В недела ни претстои нов важен меч“ – објаснува популарниот Чоло.