Симиќ и Андоновски дебитираа победнички за Македонија, денеска очекуваат нов успех

Теодор Симиќ и Андреј Андоновски имаат многу причини за радост по дебито за Македонија во победата против Словачка со 69:47.

И двајцата добија шанса за првпат да го носат дресот со национални обележја, а дебито беше со убедлив триумф, прв за Македонија на претквалификацискиот турнир во Скопје на патот кон посакуваната цел и настап на Мундијалот во 2023 година.

Денеска на ред е вториот меч против Швајцарија, селекција која нè порази во првиот круг со 67:62.

„Нè очекува тешка задача против ривал што е многу незгоден и нè победи на првиот меч. Победата против Словачка ни донесе нов оптимизам и враќање на самодовербата бидејќи квалитетот на македонската репрезентација не е спорен. Чувството да се дебитира за својата земја е неверојатно, а ќе биде уште подобро ако ја победиме Швајцарија. Ако одиграме одбрана како на мечот со Словаците, очекувам да им се реваншираме на Швајцарците“, изјави Симиќ.

Мечот ќе се игра од 19 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, овојпат како и на мечот со Словачка, со публика на трибините.

„Со поддршка од навивачите, очекувам сите да го дадеме максимумот за победа што ќе ни го отвори портите кон учество во квалификациите за настап на Светското првенство. Сè уште сум под импресии на моето деби за Македонија. Ми се оствари сонот да настапувам за мојата земја на 19-годишна возраст. Му благодарам на селекторот што ми даде шанса за настап и на соиграчите за поддршката. Можеме да ја победиме и Швајцарија и да дојдеме на чекор до успех во претквалификациите“, вели Андоновски.

Сите три селекции по првиот круг имаат по една победа и пораз, а двете првопласирани ќе играат во квалификациите за настап на Мундијалот, што за две години ќе го организираат Јапонија, Индонезија и Филипини.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести