Симон Кјер и докторите херои кои му го спасија животот на Ериксен со вредна награда од УЕФА

Сите коишто помогнаа во спасувањето на данскиот фудбалер Кристијан Ериксен откако тој по срцев удар колабира на мечот со Финска на 12 јуни во првото коло на ЕВРО 2020, се добитници на наградата на претседателот на УЕФА.

Меѓу наградените е и капитенот на Данска, Симон Кјер, кој го сврте Ериксен на страна за да не го голтне јазикот и ги организираше соиграчите да застанат околу Ериксен додека му се даваше лекарска помош.

Наградени се и главниот доктор на УЕФА, докторот на данската репрезентација и неговата екипа, дежурниот лекар на стадионот во Копенхаген, лекарот на терен, болничарот, дежурните лекари од УЕФА кои беа на стадионот (едниот е Бугарин, докторот на Лудогорец). Според Александер Чеферин, тие се вистинските херои на ЕП и ја заслужија наградата која се доделува од 1998 наваму.

На Ериксен, кој има 29 години, му беше вграден минијатурен дефибрилатор, па тој веќе не смее да игра во Италија иако е член на Интер.

„Вашата фантастична работа ми го спаси животот. Сакам да ви се заблагодарм на сите кои ми помогнавте. Големо благодарам до капитенот и мој пријател Симон и соиграчите за поддршката во тој ден и подоцна. Им благодарам и на навивачите кои ми праќаа пораки и, секако, благодарност до моето семејство. Многу ми значеше поддршката и ме правеше посилен“, изјави Ериксен.

- Оглас -

Најнови вести