Скандал во најава: Фудбалери на Ирак не добиле американски визи за учество на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Ирак би можела да се соочи со огромен проблем пред настапот на Мундијалот. Во Ирак владее вистинска тревога, а сите се во шок поради информациите дека на дел од фудбалерите им била одбиена виза за патување на Светското првенство.

Имено, се појавија информации дека Соединетите Американски Држави одбиле да издадат визи на неколку ирачки репрезентативци.

Според наводите кои сè уште чекаат официјална потврда, американските власти наводно одбиле барања за визи на дури петмина фудбалери од репрезентацијата на Ирак.

На списокот се наоѓаат Хајдер Абдул Карим, Моханад Али, Ибрахим Бајеш, Али Ал-Хамади и Заид Тахсин.

Веста предизвика огромно внимание во ирачката јавност, особено поради фактот што Светското првенство ова лето се игра токму во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.

Според првичните информации, Фудбалската федерација на Ирак веќе започнала итни разговори со цел да се реши настанатата ситуација.

Наводно, интензивно се работи на дипломатски и административни процедури за фудбалерите сепак да добијат дозвола за влез во САД.

Засега не е познато поради што барањата биле одбиени, ниту дали станува збор за привремен проблем кој би можел да биде решен во наредните денови.

Ирачките медиуми наведуваат дека во федерацијата владее голема загриженост, бидејќи евентуалното отсуство на петмина репрезентативци би претставувало огромен удар за националниот тим пред најголемото натпреварување.

Особено тоа се однесува на Моханад Али и Ибрахим Бајеш, кои со години важат за едни од најважните играчи на ирачката репрезентација.

Ситуацијата сега се следи од час во час, а во Ирак се надеваат дека проблемот наскоро ќе биде решен и дека политичко-административните пречки нема да влијаат врз настапот на репрезентацијата на Мундијалот.

- Оглас -

Најнови вести