Слот: Мислам дека се сосема разбирливи свирежите од трибините

Арне Слот, менаџерот на Ливерпул, не беше задоволен поради ремито 1-1 со Тотенхем во Премиер лигата. Тимот повторно ја испушти победата во последните моменти од натпреварот, губејќи вредни поени во битката за топ 4, и Слот смета дека е нормално навивачите на „Енфилд“ да не се задоволни и да има исвиркувања кон тимот.

„Повторно во последната минута и повторно по чиста шанса за гол заминуваме од теренот со разочарувачки резултат. Начинот на примање голови во последната минута не се повторува на ист начин. Не можете да го споредувате голот од рикошет против Вулверхемптон со овој удар. Сите шанси што ги имаа дојдоа од долги топки и рикошети, а ние не успеавме доволно брзо да ја исчистиме топката. Во последните 20 минути организиравме контранапади, но не успеавме да постигнеме гол. Со оглед на тоа како се развива оваа сезона, не е целосно изненадувачки што примаме голови во последните секунди“, изјави Слот.

Тој зборуваше и за пропуштените шанси, како на мечот со Тотенхем, така и во текот на целата сезона.

„Никогаш не можеме да ги компензираме сите шанси што ги создававме. Постојат аспекти на нашата игра што сигурно треба да ги подобриме и затоа се наоѓаме во оваа ситуација. Примаме премногу голови, до степен на кој не успеавме да собереме поени на кои овој клуб и јас лично сме навикнати. Имаме огромни напаѓачки способности, но ако не постигнуваш доволно голови, треба да зачуваш „чиста мрежа“, а тоа не го правиме доволно често оваа сезона“, додаде тренерот.

Слот исто така ги коментираше и исвиркувањата од трибините.

„Мислам дека тоа е целосно нормално. Кога тимот што го поддржувате губи многу поени од противници од кои не очекувате да губи, и тоа повеќепати во последните секунди од натпреварот, сите се чувствуваме многу разочарани. Навивачите тоа го доживеале многупати, повеќе одошто се навикнати, и е сосема нормално да го покажат своето разочарување. Тоа разочарување се чувствува и од мене, и од играчите, и од нашите навивачи“, додаде Холанѓанецот.

На крајот, Слот зборуваше и за претстојниот натпревар во Лигата на шампионите против Галатасарај.

„Целосно сум сигурен дека ако дојдат в среда, на мечот против Галатасарај ќе ни дадат поддршка од самиот почеток. Но, ако тимот не се претстави според очекувањата, мислам дека е сосема нормално да се чувствуваат фрустрирани“, заврши Арне Слот.

- Оглас -

Најнови вести