Со поддршка од публиката и добра игра 60 минути, Веспрем може да падне

Ракометарите на Вардар го пречекуваат унгарски Веспрем в сабота од 17.30 часот во преполниот СЦ „Јане Сандански”, во „мечот на неделата”, во 12-тото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, а директниот дуел за второто место во групата ќе биде тежок, но „црвено-црните“ се подготвени за предизвикот. Вардар е на второто место во групата, веднаш зад Барселона, а со евентуален триумф над Веспрем ќе се направи голем исчекор кон освојување на посакуваното место кое носи поволности во следната фаза.

„Победата над Рајн Некар на гости ни ја олесни задачата во трката за второто место, но не треба да не релаксира. Формата на Веспрем оди во нагорна линија, но ние ќе бидеме максимално подготвени за дуелот со нив и сакаме да ја израдуваме публиката“, рече капитенот Стојанче Стоилов на денешната прес-конференција.

Тренерот Роберто Парондо се согласува дека ова ќе биде еден од најтешките натпревари во финишот на групната фаза.

„Тежок меч, како и сите други во ЛШ. Веспрем има одличен состав и голем потенцијал. Мора да играме добро од почетокот до крајот ако сакаме да дојдеме до победа“, вели Шпанецот.

Добра вест е што Вардарци се речиси комплетни, се враќаат Борозан и Мораеш, и во полн состав (ќе го нема само Горбок) ќе одат на победа која може да значи и заверка на второто место во групата.

 

- Оглас -

Најнови вести