Солскјер е магионичар, а Погба го одигра најдобриот месец во кариерата!

Пол Погба го памтиме по блескавите настапи во Јувентус. Токму затоа и Манчестер го купи за 105 милиони евра. Сепак, откако дојде на „Олд Трафорд“, Погба едноставно како да се загуби. Формата му падна, играше слабо, а многумина го посочуваа како главен виновник за слабите игри на тимот.

Самиот Погба потенцираше дека тоа е поради тренерот Жозе Мурињо, велејќи дека едноставно не знае да го искористи неговиот потенцијал и квалитет. Пред само две недели, Мурињо доби отказ, а на негово место беше доведен Оле Гунар Солскјер. Со доаѓањето на Солскјер, Погба како да ја врати магијата од времето кога играше за Јувентус.

На само три меча под водство на Солскјер, Погба има биланс од четири гола и три асистенции во првенството. Тоа не само што е најдобар негов биланс откако е дојден во Манчестер, туку воопшто најдобар месец во кариерата на Французинот, за лигашки дуели. Никогаш претходно Погба немал четири гола и три асистенции во еден месец на првенствени средби. Тоа значи дека декември 2018 година е најдобриот месец во неговата кариера.

Да е уште поневеројатно, тој биланс го направи за неполни 10 дена, односно на последните три меча, кога Манчестер го победи Кардиф со 5:1, потоас Хадерсфилд со 3:1 и сега вечерва Борнмут со 4:1. Против Кардиф, Погба имаше две асистенции, на Хадерсфилд му даде два гола, а вечерва на „Олд Трафорд“ во дуелот со Борнмут неговиот биланс е два гола и една асистенција.

Јасно е дека најзаслужен за добрата игра на Погба е тренерот Солскјер. Норвешкиот стратег стана само третиот менаџер кој успеал да победи на првите три средби откако бил назначен. Претходно тоа им успеало само на Мет Бизби и Жозе Мурињо.

- Оглас -

Најнови вести