Солскјер е сериозен и кога личи дека се шегува: Манчестер јунајтед може да ја освои титулата

Оле Гунар Солскјер е сериозен и кога личи дека се шегува, а пред денешното манчестерско дерби меѓу Јунајтед и Сити изјави дека неговиот тим може да биде англиски шампион.

Дербито се игра од 18.30 часот и најавите на Норвежанецот ќе бидат сериозни, само ако Црвените ѓаволи го победат големиот ривал, кој е фаворит според обложувалниците, иако ќе гостува на „Олд Трафорд“.

„Чувствувам дека можеме да бидеме шампиони. Екипата созрева постојано, а има уште многу резерви за да бидеме уште подобри. Очекувам жестока трка за титулата во Англија и не очекувам никој да биде убедлив, а зошто да не бидеме и ние први на крајот на сезоната“, изјави Солскјер.

Манчестер јунајтед е рекордер во Англија со 20 пехари, но последниот е освоен во 2013 година, кога заврши блескавата ера на Сер Алекс Фергусон.

Ривалитетот на двете екипи од Манчестер е голем, има многу приказни во долгата историја од 182 меѓусебни дуели, а Црвените ѓаволи се со подобар меѓусебен биланс.

Манчестер јунајтед има 76 победи, наспроти 54 на Манчестер сити, со 52 меча што завршиле нерешено. Градските легенди и приказни велат дека Сити има повеќе навивачи во градот од Манчестер јунајтед, но и да е така, а тешко се потврдува, ривалот е многу потрофеен.

Манчестер јунајтед има 20 шампионски круни во Англија и е на врвот на вечната листа, а Сити е на делба на шесттото место со шест пехари колку што има и Сандерленд.

Црвената страна на градот им се радуваше и на трите европски круни во КЕШ, или ЛШ, додека навивачите на Манчестер сити се уште го очекуваат првиот трофеј во елитното европско натпреварување.

И во ФА купот, што е посебно ценет во Англија потрофеен е Манчестер јунајтед со 12 пехари на второто место зад рекордерот Арсенал, кој има 14 титули, а Манчестер сити е со шест.

И моментно на табелата во Премиерлигата Црвените Ѓаволи се пред популарните Граѓани и им „бегаат“ за еден бод, со 19 на седмото место, токму пред Сити со 18.

 

 

- Оглас -

Најнови вести