Солскјер ќе го преживее и вечерашниот пораз, Гвардиола на „Олд Трафорд“ е како дома

Манчестер сити е на пат да дојде до ново финале во Карабао купот откако вечерва со 3-1 славеше на гости кај градскиот ривал Манчестер јунајтед во првиот дуел. Реваншот е на 29 јануари на „Етихад“. Во ова натпреварување не важи правилото за гол во гости, па ако Јунајтед приреди сензација и победи со кој било резултат од два гола разлика, ќе има изведување на пенали.

Маркус Рашфорд за првпат ја носеше капитенската лента во Манчестер јунајтед. Тој е петтиот различен играч кој бил во улога на капитен во тимот откако на клупата е менаџерот Оле Гунар Солскјер. Токму Рашфорд со гол во второто полувреме му даде надеж на својот тим дека може да дојде до финалето. На трибините имаше 69 илјади луѓе, 6.000 помалку од капацитетот на стадионот, а причина е што на гостите не им беа дадени редовен број на билети колку што им следуваат.

Но, вечерашниот меч нема да го паметат по добро. За првпат по мај 1997 година наваму, Црвените ѓаволи примија три гола во едно полувреме на свој терен. Бернардо Силва, Ријад Марез и автоголот на Переира го најавија победникот.

Во последните четири години, Карабао купот го освојуваа само овие два манчестерски тима, па затоа се смета дека нивното полуфинале е како финале пред финалето на „Вембли“.

Тренерот Пеп Гвардиола откако е во Сити, има многу подобар биланс против Јунајтед на гостински (четири победи) отколку на домашен терен (само една победа).

Во другото полуфинале играат Лестер и Астон вила. Првиот меч е утре.

- Оглас -

Најнови вести