Солзите му донесоа капитенска лента на Винисиус, мечот Шпанија – Бразил во знакот на антирасизмот

Фудбалската конфедерација на Бразил објави дека Винисиус Жуниор ќе биде капитен на Кариоките на вечерашниот пријателски меч против Шпанија во Мадрид.

Натпреварот Шпанија – Бразил, кој ќе се одигра вечерва од 21.30 часот, ќе биде под слоганот „Една кожа, еден идентитет“. Бразилците решија симболично на оваа средба да го назначат Винисиус за капитен.

Винисиус долго време е цел на расистичките напади на стадионите низ Шпанија, вчера се расплака на прес-конференција додека зборуваше на таа тема, а тоа што средбата вечерва ќе се одигра на домашниот стадион на Реал Мадрид, „Сантијаго Бернабеу“, го прави крилото на Реал идеален избор за капитен на петкратните светски прваци.

„Сè повеќе луѓе ме навредуваат. Мислат дека сум против Шпанија, но не сум против Шпанија, јас сум против расистите во светот, насекаде. Сакам еднаквост за сите нас“, рече Винисиус.

За време на интонирањето на химните, играчите ќе носат црни дуксери, со зборови на португалски, англиски и шпански јазик и специјална лепенка „една кожа“.

- Оглас -

Најнови вести