Солзите на големиот шампион – Надал мина пат од откажување до историски рекорд: Требаше да биде збогум, но се гледаме во Мелбурн и идната година

Рафаел Надал е првиот тенисер со 21 гренслем титула, а мина пат од речиси сигурно откажување до тениска легенда по триумфот во финалето на Австралија опен.

Денеска во епски меч го победи Данил Медведев со 3:2 и ја освои рекордната 21-ва гренслем круна и сега е на врвот на вечната листа пред Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер со по 20 титули.

Рафа приреди огромен подвиг и пресврт од 0:2 до 3:2 во меч што траеше точно 5 часа и 24 минути, а се задржа на терен малку подолго, заедно со Медведев за да ги примат наградите.

„Пред еден месец мислев дека ова ќе ми биде последен настап овде во Мелбурн на Австралија опен, но сега имам голем мотив за да продолжам. Се надевам дека ќе се видиме и следната година“, порача големиуот шампион со солзи во очите.

Дури не се знаеше и дали ќе игра на овој турнир, а повредите и проблемите го оставија 35-годишниот тенисер без гренслем пехар една и пол година.

Дури во еден период имаше и шпекулации дека е можно да ја заврши кариерата, но сепак продолжи да игра и сега е на врвот на вечната тениска листа со 21 гренслем титула.

Претходно 20. гренслем го освои во Париз на Ролан Гарос во јуни 2020 година.

„За мене ова е неверојатен момент. Пред само еден месец не бев сигурен дека воопшто и ќе играм овде во Мелбурн. Сега освоив трофеј на турнир што вечно ќе го паметам. Ова е еден од најемотивните моменти за мене и сакам да го споделам со Данил Медведев, кој беше извонреден противник“, додаде Надал.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести