Сон на секој обложувач – да му се јави на човекот поради кого му „изгорел“ тикетот и да си ја освои добивката!

Никола Миротиќ, еден од најдобрите кошаркари во Европа, направи потег за почит, и тоа надвор од паркетот. Шпанскиот репрезентативец, кој има потекло од Црна Гора, решил да му даде пари на еден играч во обложувалница затоа што токму кошаркарот индиректно бил виновен што тикетот на играчот во обложувалница бил недобитен.

„Ау, брате, не можеше ли да дадеш уште еден поен против Алба. Паднав на тикетот за 200 евра. Таман мислев со тие пари да ја платам ратата за на факултет“, била пораката која Миротиќ ја добил од еден обложувач од Србија.

Веднаш потоа следува и одговорот на Миротиќ. „Жал ми е ако не си во можност да ја платиш твојата рата за факултетот и што твојот тикет е недобитен. Јас сум подготвен да ти пратам 200 евра и да ја платиш ратата. Секое добро“, бил одговорот на кошаркарот на Барселона.

Потоа следува договор меѓу студентот и Миротиќ. Студентот бил од Нови Сад и бил навивач на Барселона. Миротиќ му ветил дека парите ќе му ги донесе само за една недела.

„Следната недела доаѓам во Белград, ќе играме против Црвена ѕвезда. Ќе оставам коверт со 200 евра во хотелот во кој ќе бидеме и тој ќе биде со твоето име. Само помини на рецепцијата и земи го ковертот“, ветил Миротиќ.

Целата оваа конверзација е од пред речиси два месеци. Барселона играше против Алба и победи со 103:84 во меч од Евролигата, а следната недела Каталонците играа во Белград и ја победија Црвена ѕвезда.

 

- Оглас -

Најнови вести