Сонот да станат познати фудбалери згасна заедно со нивниот живот во пожарот

Две фудбалски трагедии во еден ден го потресоа светот. За првата речиси сите беа свесни, а утрово само стигна потврда дека аргентинскиот напаѓач Емилијано Сала го загуби животот во авионската несреќа која се случи пред 20-тина дена. Втората е многу пострашна. Во пожар кој се случи утрово во тренинг камп на бразилскиот гигант Фламенго, загинаа 10 луѓе. Шестмина од загинатите се млади фудбалери кои имаа меѓу 14 и 16 години. Останатите четворица се вработени во клубот.

Поголемиот дел од загинатите се фудбалери кои живееле далеку од Рио де Жанеиро. Тоа биле млади талентирани играчи кои очекувале да го остварат сонот, да станат познати фудбалери. Пожарот се случил во 5:10 часот по локално време во клупскиот камп на Фламенго. Се претпоставува дека пожарот започнал од клима уред. Соседите тврдат дека пред да се случи пожарот, слушнале експлозија.

Артур Виничиус де Барос Силва Фраитес утре требало да наполни 15 години, а негови врсници биле и Атила Пахаро и Пабло Енрике да Силва Матос. Кристијан Есмерио беше 15-годишен голман кој имал и неколку повици за младинските селекции на Бразил. Меѓу загинатите млади фудбалери се и Бернардо Писета и Витор Исиас.

Дел од играчите успеале да се спасат, откако ги разбудил чадот од пожарот. Непосредно пред да се случи трагедијата, сите фудбалери добиле слободен ден, бидејќи имало невреме и не бил планиран тренинг. Сепак, поголемиот дел од играчите биле далеку од своите домови и решиле да останат во кампот, кој е изграден во 2014 година, а пред само два месеци бил реновиран.

Во тренинг кампот има пет фудбалски терени, терен за тренирање на голмани, базен, теретана и соби за спиење во кои и се случил пожарот. Во овој тренинг камп свои тренинзи имаат и играчите од првиот тим на Фламенго.

 

- Оглас -

Најнови вести