Сонот наш од детство беше прекрасна авантура – Македонија има фудбалска иднина

Македонија долго го сонуваше настапот на големо натпреварување и сонот наш од детство се претвори во прекрасна авантура на Европското првенство што е во тек иако сме елиминирани по првиот круг.

Со многу љубов, енергија и посветеност сите заедно и играчите, стручниот штаб, навивачите, целата јавност ги следеше настапите на Горан Пандев и дружината.

Фудбалски секогаш три порази и елиминација се неуспех, но вагата овојпат убедливо мереше на страната на Македонија. Бевме во друштво со најсилните репрезентации во Европа, нешто што ни беше сон речиси три децении.

Имавме еуфорична презентација на нашиот фудбал, спорт и воопшто и на нашата земја. Фантастичната армија од неколку илјади навивачи во црвено-жолти бои во Букурешт беше секојдневен главен хајлајтс по светските медиуми, на социјалните мрежи, на сајтот на УЕФА.

Пристојни, а разиграни и бучни и буквално го живнаа главниот град на Романија и беа главната симпатија на сите во Букурешт. Се пееше и се играше во чест на Македонија една седмица, без ниту еден инцидент, со приказни за љубов кон својата земја што ќе останат како еден печат за историја, за паметење, за навек.

Убедливо најдобрата странска армија на навивачи си ја промовираше Македонија на беспрекорен начин. Фантастично Елдорадо што ја стави земјата на мапата на интересот на Европа, во фокусот на светските медиуми, на сите што со внимание ги следат трендовите во најважната споредна работа на светот.

Коментарите беа извонредни, Македонците се забавни, играат за душа, за свој мерак, а имаат навивачи што немаат конкуренција на Европското првенство.

На сè како главна спортска вест се погоди и простувањето на Горан Пандев во домот на легендарниот Јохан Кројф во Амстердам. Чин што не можеше да мине без солзи во очите, со грутка во грлото, момент што го крена адреналинот до највисоки граници.

Од дресот со националните бои се прости една вистинска фудбалска легенда што со извонредна кариера повторно ја стави Македонија на врвот на фокусот на Стариот Континент.

Аплаудираа Холанѓаните на „Јохан Кројф арената“, Македонците си заплакаа на заминувањето на својата фудбалска икона, а глетката на стадионот беше оскаровска.

Грмна аплауз за Гранде Пандев од трибините, за збогум, за разделба со нашиот капитен што предводеше златна генерација фудбалски јунаци што ни го остварија сонот со настап на ЕП.

Епизодата беше кратка, но многу слатка, а и покрај критиките што се издржани и велат дека можевме повеќе, не треба да заборавиме дека бевме дебитанти, дека игравме машки фудбал и покажавме карактер и кога не ни одеше како што посакувавме.

И што е најважно, потврдивме дека имаме иднина. Дури 11-мина играчи, или цел еден тим што беа на списокот на Игор Ангеловски веќе имаат искуство од две Европски првенства.

Енис Барди, Елиф Елмас, Дарко Велковски, Бобан Николов, Висар Муслиу, Тихомир Костадинов, Даниел Аврамовски, Егзон Бејтулаи, Дамјан Шишковски, Марјан Радески и Ѓоко Зајков беа учесници на младинското ЕП во Полска во 2017 година.

Беа и тука со ново искуство, сега како сениори и учесници на најважниот спортски самит во Европа. Фативме ритам за ЕП, се собра доволно искуство, а веќе доаѓаат и некои нови момчиња што ги предводат Чурлинов, Ристовски помалиот, Митровски.. и една плејада талентирани играчи што ни даваат оптимизам дека серијалот прекрасни авантури на Македонија на големите натпреварувања ќе стане константа и нормална работа.

 

 

- Оглас -

Најнови вести