Сонцата се четвртиот тим од Западот кој обезбеди пласман во плејофот, Ембид со ѕверска партија направи исчекор кон освојувањето на МВП трофејот (Видео)

Кошаркарите на Феникс санс со 114:95 го совладаа Сан Антонио спарс и станаа четвртиот тим од Западната конференција кој обезбеди пласман во разигрувањето за титулата.

На три меча до крајот на регуларниот дел, Сонцата имаат скор 44-35, додека шестиот и седмиот тим на табелата, ЛА лејкерс и ЛА клиперс имаат 41-38, но имаат и послаб меѓусебен скор. Сонцата дилемите околу победникот ги решија уште во првата четвртина, која ја добија со 42:25 и предноста ја одржуваа до крајот на мечот.

https://twitter.com/Suns/status/1643466575708823552?s=20

Четирите ѕвезди кои го прават Феникс главен фаворит од Западот за пласман во големото финале беа најдобри во победата. Девин Букер даде 27 поени, Крис Пол 22, Деандре Ајтон 19, а Кевин Дурант 18 поени.

Во дербито на вечерва, Филаделфија сиксерс со 103:101 го победи Бостон селтикс, и тоа благодарение на ѕверската партија на Џоел Ембид, со која направи исчекор кон освојување на признанието за МВП на регуларниот дел од сезоната.

Ембид постигна повеќе од половина од поените на својот тим, дури 52 поени, на кои им придодаде и 13 скокови. Ембид и Јокиќ се во мртва трка за МВП признанието, а со оваа партија поголем дел од медиумите сметаат дека Ембид сега е фаворит за наградата.

Никола Јокиќ одигра само 24 минути за Денвер, кој е поразен од најслабиот тим на Западот, Хјустон рокитс, со 124:103. И покрај намалената минутажа, Јокиќ успеа да оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скока.

ЛА лејкерс ја забележа четвртата победа по ред со која се искачи на шестата позиција на табелата во Западната конференција. Лејкерси ја совладаа Јута џез со 135:133 по продолженијата и сега имаат учинок од 41 победа и 38 порази. Леброн Џејмс влезе во форма во најдобар момент, откако пропушти поголем дел од мечевите поради повреда и со 37 поени ги предводеше Лејкерси до победата. Одличен настап имаше и Остин Ривс со 28 постигнати поени.

Резултати: Шарлот – Торонто 100:120, Детроит – Мајами 105:118, Орландо – Кливленд 113:117, Вашингтон – Милвоки 128:140, Бруклин – Минесота 102:107, Чикаго – Атланта 105:123, Хјустон – Денвер 124:103, Мемфис – Портланд 119:109, Њу Орлеанс – Сакраменто 103:121, Филаделфија – Бостон 103:101, Јута – ЛА лејкерс 133:135, Голден стејт – Оклахома 136:125, Феникс – Сан Антонио 115:94.

- Оглас -

Најнови вести