Спартанците сигурни на стартот од евроквалификациите

Македонската одбојкарска репрезентација успешно ги стартуваше квалификациите за ЕП 2021 со сигурна победа од 3-1 (27:25, 25:21, 22:25, 25:19) во сетови против селекцијата на Босна и Херцеговина.

На домашно тло во СЦ „Борис Трајковски“, Спартанците со мала задршка ја остварија првата победа откако гостите поведоа со 15-8 во првиот сет, а потоа составот на Матијашевиќ се консолидира и го доби сетот на разлика.

Нашата репрезентација многу посигурно пристапи во вториот сет, одржувајќи предност од два до три поени, а по високите +6 на 20-14 беше јасно дека Македонија ќе дојде на еден сет до победата.

Босанците го возврадија ударот и сосема заслужено намалија на 2-1 во третиот сет, потег за кој подоцна се покајаа по доминантната завршница на македонските одбојкари.

Капитенот Никола Ѓоргиев ги предводеше Спартанците до победата со 29 поени, по него се истакна Љафтов со 15.

- Оглас -

Најнови вести