Спикерот на стадионот во Лион ги шокира гостите, но и судијата кој го прекина мечот

Дербито од француското првенство меѓу Олимпик Лион и Олимпик Марсеј синоќа се играше неполни пет минути. Средбата беше прекината кога гостинскиот играч Димитри Паје беше удрен директно во глава, и тоа со пластично шише полно со вода.

Паје падна на тревата и неколку минути му беше давана лекарска помош, а главниот судија веднаш го прекина мечот. Повеќе од еден час навивачите на стадионот во Лион не си заминуваа со надеж дека дуелот ќе се одигра, но немаше никакви информации.

Во еден момент, на теренот се појави официјалниот спикер, кој рече дека средбата сепак ќе се одигра. Неколку минути подоцна, домашните фудбалери истрчаа на теренот за да се загреваат, но никаде ги немаше гостите и судиите.

Зошто судиите и играчите на Марсеј не се појавија на теренот? Спикерот едноставно без дозвола на арбитрите решил да најави дека средбата ќе продолжи, што ги шокирало официјалните лица, но и гостинските играчи.

По повеќе од два часа, дуелот сепак и официјално беше прекинат и засега не се знае дали и кога ќе биде доигран.

- Оглас -

Најнови вести